Emin Avundukluoğlu
09 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот потпретседател Фуат Октај денеска изјави дека со турската операција „Извор на мирот“ Турција има за цел да го зачува територијалниот интегритет на Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Расчистена е област од над 4.000 километри квадратни од терористите во северна Сирија“, изјави Октај за пратениците во турскиот Парламент за време на неговото обраќање во врска со буџетот за 2020 година.
Со операцијата „Извор на мирот“ Турција се стреми да ја намали својата загриженост во врска со безбедноста, додаде Октај.
Тој нагласи дека Турција со операцијата има за цел да го сочува територијалниот интегритет на Сирија.
„Борбата на Турција против тероризмот во регионот на операцијата „Извор на мирот“ ќе продолжи сѐ додека теророт во областа не биде целосно отстранет“, изјави Октај.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје, како и за зачувување на територијалниот интегритет на Сирија.
Анкара бара терористите на ПКК/ЈПГ да се повлечат од регионот за да може да се создаде безбедносна зона и да се отвори патот за безбедно враќање на околу 2 милиони бегалци.
На 22 октомври Анкара и Москва постигнаа договор, според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со Сирија, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
Турскиот потпретседател во своето обраќање потсети дека турските бродови за сондажа, „Фатих“ и „Јавуз“ продолжуваат со нивните активности во Источниот Медитеран.
„Ќе продолжиме да следиме активна стратегија во истражувањата на нафта и природен гас, додека вршиме супчење на уште пет бунари со нашите национални бродови во Источниот Медитеран“, изјави Октај.
Тој додаде дека Турција нема да направи никакви отстапки во однос на своите права ниту во Кипар, ниту во подрачјето на Егејот, ниту пак во Источниот Медитеран.
Октај нагласи дека Обединетите нации (ОН), Европската Унија (ЕУ) и НАТО не ги исполниле своите одговорности во однос на Турција, во период кога Турција беше погодена од неизвесната ситуација во регионот.
Турција, како земја гарант на Турската Република Северен Кипар, во моментот спроведува активности за истражување на ресурси на јаглеводороди (фосилни горива) во Источниот Медитеран со двата брода „Фатих“ и „Јавуз“, заедно со бродовите за сондажа „Оруч Реис“ и „Барбарос Хајретин-паша“ во истиот регион.
Турција континуирано предупредува за едностраното дупчење од страна на администрацијата на кипарските Грци во Источниот Медитеран, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар исто така има права на ресурсите во регионот.