Çiğdem Alyanak
09 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно изнесе критики на сметка на францускиот претседател Емануел Макрон, порачувајќи му дека е погрешно исламот, кој во своето име го носи значењето на мирот, да се поврзува со тероризмот, и дека би било подобро да се занимава со „Жолтите елеци“ кои излегоа на улиците на Париз, јавува Агенција Анадолија (AA).
Ердоган: Ќе ја дадеме нашата максимална поддршка за истребување на ДЕАШ од Авганистан
Ердоган во Истанбул се обрати на Самитот на министрите за социјални работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC), и притоа говореше за актуелните случувања.
Ердоган укажа на недоволното политичко влијание и економскиот напредок на муслиманите во светот.
„Денес муслиманите, кои сочинуваат околу една четвртина од вкупната светска популација, за жал, немаат политичко влијание, ниту економски, општествен и културен развој кој би бил пропорционален на нивната моќ“, изјави Ердоган.
Потсети дека во темелот на основањето на Организацијата за исламска соработка (OIC) стои прашањето за Ерусалим, и нагласи дека состојбата во Ерусалим, односно во Палестина, која од него е неодвоива, секојдневно се влошува.
„Како Турција чувствуваме дека честопати сме сами кога укажуваме на проблемите по прашањето за Ерусалим и Палестина. Свесни сме дека една од причините за терористичките напади и економската саботажа со која се соочивме последниве години е нашиот принципиелен став за ова прашање“, смета Ердоган.
Го постави прашањето до кога муслиманите ќе молчат на сето она што им се случува денес.
„Ги напаѓаат ли нашите џамии? Ги напаѓаат. Дали убиваат муслимани? Убиваат. И до кога ќе премолчуваме ние на сето тоа? Ако ние на сево ова не го кренеме гласот, сè додека не реагираме, ќе бидеме изложени на голем притисок“, рече Ердган.
Тој ги повтори критиките на сметка на францускиот претседател Емануел Макрон, поради неговото користење на терминот „исламски тероризам“ на последниот Самит на НАТО во Лондон.
„Имавме можност да го чуеме францускиот претседател кој на последниот Самит на НАТО говореше за „исламски тероризам“. Во повеќе наврати му имам кажано дека исламот во коренот на своето име го носи значењето на мирот. Како можете, исламот, односно мирот, да го поистоветувате со тероризмот? Такво нешто е невозможно. Тој истото тоа го повтори и на последниот Самит на НАТО“, рече Ердоган, и порача, Макрон, наместо да се занимава со тоа, подобро би било да размислува како да ги запре протестите на „Жолтите елеци“ во Париз.