АНКАРА (АА) - Турски научници кои работат со компанијата за нанотехнологија „Нанографи“ работат на првата турска интраназална вакцина против Ковид-19, соопшти денес турскиот министер за индустрија и технологија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на церемонијата за отворање на новата фабрика за производство на графен на компанијата „Нанографи“, во главниот град Анкара, Мустафа Варанк рече дека назалниот спреј се очекува да биде поефикасен.
„Интраназалната вакцина ќе ги зајакне напорите на Турција во борбата против коронавирусот“, нагласи Варанк, додавајќи дека вакцината може да се ремоделира во случај на мутации на вирусот.
„Првата фаза од испитувањата на луѓе ќе започне наскоро бидејќи претклиничките фази на испитувањата на првиот кандидат за интраназална вакцина од турско производство успешно завршија“, рече тој.
„По успешното завршување на сите клинички фази, имаме намера да започнеме со администрирање на интраназалната вакцина оваа година“, соопшти Варанк.
Укажувајќи на пречките за комерцијално прифаќање на графенот, Варанк истакна дека Турција ќе биде една од 10-те земји што може да произведува графен во големи размери благодарение на новата инвестиција.
Графенот, кој се изработува од слој цврст јаглерод, е лесен, 200 пати посилен од челикот и поголем спроводник од бакарот.
Графенот од чист јаглерод е една од најклучните компоненти на нанотехнологијата со едноатомска дебелина.
Варанк истакна дека графенот ќе помогне во производството на подолготрајни материјали, ултрабрзи батерии на полнење, побрзи и полесни авиони, бионички направи кои можат да се поврзат со невроните во телото.
„Ќе бидат развиени биоелектронски медицински технологии кои обезбедуваат третман во реално време со читање и менување на електрицитетот на телото, а ќе бидат решени и проблемите со корозија, греење и трансмисија“, додаде тој.
Цитирајќи го најновото истражување од Советот за графен, Варанк истакна дека цената на материјалот, капацитетот за сериско производство, стандардите и сертификацијата се најкарактеристичните пречки за прифаќање на графенот.
Објектот, кој ќе произведува графен по ниска цена и во индустриски размери преку еколошки методи, ќе биде еден од најголемите во светот благодарение на неговиот капацитет.