Havva Kara Aydın
30 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
АНКАРА (АА) - Операцијата „Ерен-12 Ѓунесли“ е започната во југоисточниот дел на Турција со цел елиминирање на терористичките елементи во регионот, соопшти турското Министерство за внатрешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Операцијата е лансирана во Ширнак и Сирт со цел комплетно да се елиминира терористичката организација и да се неутрализираат терористите за кои се верува дека се засолнети во регионот”, се вели во соопштението на Министерството.
Во операцијата учествуваат 1.317 припадници и 83 операциски тимови од Генералната команда на жандармеријата, тимовите за специјални операции на жандармеријата, полициските тимови за специјални операции и локалните чувари на безбедноста.
Турција ја започна операцијата „Ерен“, која е именувана по Ерен Булбул, 15-годишник убиен од страна на терористичката организација ПКК на 11 август 2017 година. Операцијата се спроведува со цел елиминирање на сепаратистичката терористичка организација ПКК/КЏК и расчистување на регионот од терористите.
Како дел од акцијата, заробени се најмалку 75 соработници, уништени се 421 пештери, засолништа и складишта, а запленети се големи количини оружје, муниција и храна, се вели од Министерството.
Турција во 2020 година ги покрена и операциите „Капан“ и „Јилдирим“ против сепаратистичката терористичка организација ПКК.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.