Sibel Uğurlu
09 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека Турција ќе ја даде својата максимална поддршка за истребување на терористичката организација ДЕАШ од Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во своето обраќање на 8. Министерска конференција „Срцето на Азија - Истанбулскиот процес“ во палатата Долмабахче во Истанбул, на тема „Мир, партнерство, просперитет“, ја повика меѓународната заедница да ги зголеми инвестициите во Авганистан во текот на чувствителниот период низ којшто минува земјата.
„Авганистан минува низ чувствителен период. Како меѓународна заедница, треба да ги зајакнеме инвестициите што ги правевме во Авганистан во последните 18 години“, рече Ердоган.
Тој исто така го истакна значењето на регионалната соработка за решавање на проблемите со кои се соочува регионот на Јужна Азија.
„Сметам дека „Срцето на Азија - Истанбулскиот процес“ е исто така многу ефикасен и корисен во обезбедувањето регионална поддршка за мирот“, рече Ердоган.
Тој додаде дека додека меѓународната заедница е посветена на своите заложби за Авганистан, важно е исто така, и авганистанската Влада да ги исполни својот дел од обврските.
„Ги поздравуваме позитивните чекори преземени од авганистанската Влада во имплементацијата на Рамката за заемна одговорност усвоена во Женева минатата година“, рече Ердоган.
Регионалната иницијатива на Авганистан и Турција од 2011 година „Срцето на Азија - Истанбулски процес“ има две претседавачки места - Авганистан, како постојана земја заседавач и копретседавач - од земјите членки, кој се менува на годишно ниво.
Процесот има за цел промовирање на регионалната безбедност, економската и политичката соработка со фокус на Авганистан, преку дијалог и мерки за градење доверба.