Ömer Faruk Cebeci
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
САКАРЈА (АА) - Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, изјави дека Турција оваа година ќе формира привремена научна база на Антарктикот, а целта е основање трајна научна база, јавува Anadolu Agency (AA).
Тим од турски научници утре заминува на 3. турска научна експедиција на Антарктикот
Тимот на научници кои утре ќе тргнат на пат кон Антарктикот, во Сакарја се состана со Октај и турските министри Мустафа Варанк и Бекир Пакдемирли.

Октај потсети дека проектот се организира под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател и под ингеренции на Министерството за индустрија и технологија, и дека цел на Турција е од статус на земја набљудувач на Антарктикот да добие статус на советодавна земја.
Со меѓународниот Антарктички договор од 1959 година со тој континент управуваат Научниот совет за истражувања на Антарктикот (SCAR) и Советот на менаџерите на националните антарктички програми (COMNAP).
Турција е потписничка на Антарктичкиот договор, но без сопствена научна база има само статус на набљудувач на континентот кој е предмет на голем број научни истражувања. Со отворањето на научна база, Турција ќе добие статус на советодавна земја и ќе стане дел од механизмот кој одлучува за Антарктикот.

Октај потсети дека 29 од 53 земји членки имаат статус на советодавна земја.
„Со научната мисија оваа година основаме привремена база. Наша следна цел е основање трајна база. Пред тоа, остануваат два услова кои мораме да ги исполниме за да добиеме статус на советодавна земја. Тоа е членството во COMNAP i SCAR“, појасни Октај, кој се надева дека Турција ќе ги исполни овие два услова и ќе стане 30. советодавна земја.
Појасни дека станува збор за крајно важен и стратешки проект во кој учествуваат девет универзитети. Потсети и дека научните мисии претходно се организирани во 2017 и 2018 година.
Тој се надева дека наредната година за мисија ќе биде подготвен бродот на Командата за поморски сили на Република Турција, и дека четвртата мисија ќе биде реализирана со учество на турски брод.