Ayşe Şensoy Boztepe
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Кабинетот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, денес изјави дека Република Турција нема никаква тајна агенда во кој било регион на светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин се обрати на собирот што во Анкара го организираше Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) и порача дека тоа не е само обична хуманитарна институција, туку институција која гради мостови на пријателство и им помага на загрозените луѓе низ светот.
Истакна дека под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Турција спроведува опсежна надворешна политика на база на корист за сите страни.
Тој нагласи дека секој проект во регионот е осуден на пропаст доколку не ја вклучува и Турција, и додаде дека за политичкиот став на Турција најдобро сведочат пораките на Ердоган за светот поголем од пет постојани членки на Советот за безбедност и за намерата да им служи на луѓето.
Како светли примери на пружената рака на пријателство на Турција во светот, Калин ги наведе активностите на ТИКА, Дијанетот, Институтот „Јунус Емре“, Дирекциите за Турците во странство и сродните заедници и голем број други турски установи.
„Луѓето во светот ги потсетуваме на минатото кое го забораваат. Турција нема скриени агенди во кој било регион. Она што го велиме во Анкара и Истанбул, истото го зборуваме и на Балканот, во Азија, Африка и во остатокот од светот“, изјави Калин.
Истакнувајќи дека турскиот претседател Ердоган укажува на истите проблеми во сите меѓународни организации, Калин изјави дека Турција води транспарентна и отворена надворешна политика.
„Турција никогаш не зборува само за сопствената безбедност, туку и за сигурноста на целиот регион и светот. Турција сите свои ресурси ги става на располагање на луѓето во земјите од регионот кои се соочени со војни, терористички напади, судири или природни катастрофи: Тоа е единствена причина поради која Турција моментално е присутна и во Сирија, од која згриживме милиони пребегнати“, изјави Калин.
Калин, исто така, изјави дека ТИКА е институција која помага на загрозените луѓе во нивните региони или во местата во кои пребегнале.
Калин истакна и дека Турција е светски лидер во издвојување на хуманитарна помош во однос на националниот доход.
„Додека Турција се грижи за бегалците, земјите на развиениот Запад работат на изградба на ѕидови на границите. Тие ѕидови нема да ви донесат безбедност, туку ќе ве изолираат и ќе ве оддалечат од остатокот од светот. Неопходно е да се срушат бариерите и ѕидовите во срцата и главите на луѓето“, порача Калин.
Истакнувајќи дека поминало времето кога големите сили ѝ наредувале на Турција што и како да прави, Калин изјави дека таа денес е стабилна земја која води суверена надворешна и внатрешна политика и ја одредува својата судбина.