Hatice Şenses Kurukız,Zehra Melek Çat,Ayşe Büşra Erkeç
23 Септември 2018•Ажурирај: 24 Септември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот заменик-претседател Фуат Октај изјави дека Турција постигнала значаен напредок на полето на технологијата, авијацијата и одбранбената индустрија, јавува Anadolu Agency (AA).
Октај го посети Фестивалот за авијација, вселенска програма и технологија ТЕХНОФЕСТ во Истанбул, чии организатори се Фондацијата Технолошки тим на Турција (Т3) и градот Истанбул, додека АА е глобален медиумски партнер.

Заменик-претседателот на Турција изјави дека станува збор за фантастичен амбиент и организација.
Тој додаде дека на фестивалот зеле учество над 100 компании, и дека фестивалот го посетиле над 500.000 посетители, а особен интерес покажале младите.
„Во иднина ќе биде уште поголем, што покажува дека Турција во технологијата, авијацијата, одбранбената индустрија и во цивилната авијација зеде значаен залет“, рече Октај.

Тој се осврна и на турските хеликоптери, за кои тврди дека интерес покажува целата земја и пошироко.
Додаде дека земјата со хеликоптерот „Озгун“, кој е еден од најнапредните во хеликоптерската индустрија, технологијата ја подигна на повисоко ниво.
„Во прашање е домашна технологија. Се надеваме дека откако моторите, кои што ние ги дизајниравме, развивме и ги произведовме, бидат поставени, ќе го добиеме во целост нашиот хеликоптер“, рече Октај, кој додаде дека и тоа е близу и дека хеликоптерот е во фаза на тестирање.

Истакна дека тие се особено горди на беспилотните летала со и без вооружување и дека станува збор за најнапредна технологија.
„Одбранбената индустрија е поле на кое заедно со приватниот сектор зедовме замав и развој. Сакаме тоа да го пренесеме и на други сектори, на здравството и транспортот“, додаде Октај.
Тој изрази надеж дека соработката постигната во одбранбената индустрија ќе се постигне и во другите сектори.
Потсети дека новиот аеродром во Истанбул ќе се отвори на 29 октомври, што во текот на денот го најави и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.