Ekipa
18 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
КРАЈСТЧРЧ (АА) - Турскиот потпретседател Фуат Октај го повика светот да престане со промовирањето провокативен говор по терористичките напади во петокот изведени врз две џамии во Нов Зеланд, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мора да почнеме да користиме поинаков говор. Целиот свет мора да сопре со поддржувањето одреден провокативен говор“, изјави Октај за новинарите.
Потпретседателот Октај и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, престојуваат во дводневна посета на градот Крајстчрч, со цел да го изразат цврстиот став на Турција против исламофобијата и ксенофобијата, како и да ја покажат својата солидарност со Нов Зеланд по крвавиот терористички напад.
Најмалку 50 лица беа убиени кога терорист отвори оган врз верниците за време на петочната молитва во џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч.
Турскиот потпретседател Октај истакна дека тероризмот и терористите немаат вера, раса, и немаат географска одредница.
Турскиот министер Чавушоглу, од своја страна, истакна дека Советот на министри за надворешни работи при Организацијата за исламска соработка (OIC) ќе се состане на вонреден состанок во петок во Турција, во врска со двојниот терористички напад во Нов Зеланд.
„Тука [за време на состанокот], ќе се формира комисија која ќе ги следи одлуките кои ги носиме. Ова прашање ќе го подигнеме на сите платформи, вклучувајќи ги и ОН. Нема да дозволиме да исчезне“, рече тој.
Чавушоглу додаде дека муслиманите, и на нов Зеланд и насекаде низ светот, се чувствуваат крајно загрижени од растот на исламофобијата и расизмот.
Октај и Чавушоглу во болница ги посетија повредените од терористичките напади, меѓу кои има и тројца Турци.
Потоа двајцата турски претставници остварија средба со Петси Реди, гувернерката на Нов Зеланд.
„Ние [Нов Зеланд] претпоставуваме дека терористот ја избрал нашата земја да стане познат, бидејќи постои минимален ризик [во однос на терористичките напади]“, рече Реди.
Реди додаде дека на повредените ќе им биде пружена компензација, а Нов Зеланд работи интензивно на ублажување на влијанието на терористичките напади врз имигрантската заедница.
Реди се потсети и на нејзината посета на Турција минатата година.
„Ние немаме никаков проблем со Турција. За ова најдобро пријателство бев сведок за време на мојата посета на Турција минатата година. Претседателот Реџеп Таип Ердоган нѐ пречека многу добро“, истакна Реди.