свет

Над 1 милион луѓе потпишаа петиција за смена на австралискиот сенатор Енинг

Петицијата „Отстранете го Фрејзер Енинг од Парламентот“ е започната на change.org, најголемата платформа за петиции во светот, од локалниот невролог Кејт Ахмад

Vakkas Doğantekin  | 18.03.2019 - Обновена : 19.03.2019
Над 1 милион луѓе потпишаа петиција за смена на австралискиот сенатор Енинг

АНКАРА (АА) - Над еден милион луѓе потпишаа петиција за смена на австралискиот сенатор Фрејзер Енинг од парламентот, по неговите изјави за терористичките напади во петокот во две џамии на Нов Зеланд, пренесува Anadolu Agency (AA).

Петицијата „Отстранете го Фрејзер Енинг од Парламентот“ е започната на change.org, најголемата платформа за петиции во светот, од локалниот невролог Кејт Ахмад. 

Овој потег уследи откако Енинг ја истакна доселувањето на муслиманите како причина за терористичките напади во Крајстчрч, во кои беа убиени најмалку 50 лица кога терористот Брентон Харисон Тарант отвори оган врз верниците за време на петочната молитва во џамиите Ал Нур и Линвуд. 

Енинг, кој во саботата беше удрен со јајце по глава од младото момче Вил Коноли поради неговите антиимигрантски изјави, рече: „Вистинската причина за крвопролевањето на улиците на Нов Зеланд денес, е имиграциската програма која им дозволи на муслиманските фанатици да мигрираат на прво место во Нов Зеланд.“ 

Петицијата ги критикува антиимигрантските изјави на Енинг и ја повика австралиската влада да помогне во барањето оставка од независниот сенатор. 

„Ставовите на сенаторот Фрејзер Енинг немаат место во владата на нашата демократска и мултикултурна земја. Во рамките на австралискиот закон, бараме да се направи притисок за негова оставка на местото сенатор, и да биде ставен под истрага од агенциите за спроведување на законот за поддршка на десничарскиот тероризам“, се вели во петицијата. 

И австралискиот премиер Скот Морисон во петокот ги критикуваше изјавите на Енинг, и преку Твитер порача: „Изјавите на сенаторот Фрејзер Енинг, кој за фаталните напади изведени од страна на насилен, десничарски, екстремистички терорист во Нов Зеланд ја обвинува имиграцијата, се одвратни. За таквите ставови нема место во Австралија, а камоли во австралискиот Парламент.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.