Ekipa
18 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
КРАЈСТЧРЧ (АА) - Еден од преживеаните од терористичките напади во Нов Зеланд, Мустафа Бозташ, го опиша хаосот што го преживеал за време на нападот кој се случи во текот на петочната молитва, јавува Anadolu Agency (AA).
Најмалку 50 лица се убиени, а десетици повредени во терористичкиот напад што се случи во петокот во џамиите Ал Нур и Линвуд во Крајстчрч.
Еден од верниците кој беше ранет во џамијата е и Бозташ, кого во болницата во Крајстчерч го посетија локалните турски бизнисмени Јуксел Чифтчи и Хасан Генч.
Бозташ кажа дека нападот започнал во времето додека имамот држел хутба, и дека на почеток помислил дека е земјотрес.
Набргу, Бозташ сфатил дека станува збор за терористички напад, и со други верници побарал засолниште во аголот на џамијата.
„Терористот пукаше по нас. Мене ме погоди во ногата. За момент пукањето запре, најверојатно ја полнеше пушката. Јас за тоа време со рака го скршив прозорецот и скокнав низ него. Ако задоцнев две секунди, јас немаше да преживеам. Така се гледа на снимките направени од страна на терористот. Тој ме снимаше како бегам низ прозорецот“, рече Бозташ.
Истакнувајќи дека ситуацијата била неопислива и дека луѓето барале помош од сите страни, Бозташ рече дека притрчал да му помогне на едно дете.
„Детето лежеше со отворени очи. Се обидов да го реанимирам, но веќе беше доцна. Му ги затворив очите со мојата рака. Пукањето стануваше сè поинтензивно и истрчав да се засолнам“, рече Бозташ.
На пат кон болницата Бозташ ѝ се јавил на мајка си ѝ кажал дека е ранет во терористички напад, и од неа побарал прошка.
Ко-сопственикот на весникот „Turkish News Press“, Чифтчи, рече дека од Сиднеј пристигнал во Нов Зеланд да им помогне на семејствата на загинатите и повредените.
„Нашиот претседател Ердоган ги испрати потпретседателот Фуат Октај и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Турција се стави на располагање за каква било помош“, рече Чифтчи.