Ekipa
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
МЕЛБУРН (АА) - Премиерот на Нов Зеланд, Џон Ки, изјави дека штетата по вчерашниот катастрофален земјотрес во таа пацифичка земја е многу повисока од првичната процена и се укажува на тоа дека тоа ќе бидат потребни милијарди долари за да се обнови уништеното, јавува Anadolu Agency (AA).
„Зборувам само за конкретна штета, едноставно, не знам што да кажам... ќе бидат потребни месеци напорна работа“, изјави Ки за една новозеландска телевизија откако со хеликоптер го разгледа подрачјето на градот Каикоура, кој вчера беше погоден од земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, при што загинаа најмалку две лица.
Земјотресот направи значителна материјална штета, предизвика закана од цунами и оштети голем број сообраќајници и друга инфраструктура.
Министерството за цивилна заштита соопшти дека заканата од цунами заврши, а на теренот се сите надлежни служби коишто им помагаат на жителите во загрозените региони. И премиерот Ки ја одложи планираната официјална посета на Аргентина.
По разорниот земјотрес кој вчера го погоди Нов Зеланд, со епицентар во подрачјето на Крајстчрч, пацифичката земја ја погодија и најмалку 150 дополнителни помали потреси.