Ekipa
17 Март 2019•Ажурирај: 18 Март 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот суд денес нареди затворање на влезот Рахма, еден од влезовите на комплексот на џамијата „Ал Акса“ во Источен Ерусалим, пренесува Anadolu Agency (AA).
Арбитрарниот суд на Ерусалим го прифати барањето на Владата привремено да нареди затворање на влезот, кој се наоѓа во непосредна близина на источните ѕидини на старото јадро на Ерусалим.
Одлуката на израелскиот суд брзо предизвика реакции од Јордан, кој е одговорен за еврејските и христијанските свети места во Ерусалим.
„Источен Ерусалим, вклучувајќи ја и џамијата „Ал Акса“, е дел од палестинската земја окупирана во 1967 година и таа според меѓународниот закон, не потпаѓа под јурисдикција на израелското судство“, се вели во соопштението на јорданското Министерство за надворешни работи.
Јордан побара од Израел да ја повлече својата одлука и истакна дека ќе биде целосно одговорен за какви било сериозни последици од пресудата.
Денешната одлука дојде во услови на тензии во Ерусалим кои се појавија од минатиот месец, кога израелската полиција кратко го затвори влезот, поради што Палестинците излегоа на демонстрации.
Оттогаш, израелските власти им забранија на голем број Палестинци - вклучувајќи и верски претставници - да влезат во „Ал Акса“, што за муслиманите претставува трето најсвето место во светот.
Израел го окупираше Источен Ерусалим (Кудс), каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна од 1967 година. Го анектираше целиот град во 1980 година, потег кој никогаш не беше признаен од меѓународната заедница.