Elvir Hociç
17 Март 2019•Ажурирај: 18 Март 2019
Илјадници граѓани и членови на семејствата се собраа на масовниот погреб на жртвите од неодамнешната авионска несреќа во близина на етиопскиот град Адис Абеба, јавува Anadolu Agency (AA).
Во авионската несреќа пред седум дена во која се урна авионот на „Етиопијан ерлајнс“ („Ethiopian Airlines“), на релацијата Адис Абеба - Најроби, животот го загубија 157 патници и 4 члена на екипажот, државјани на 35 земји.
Членовите на семејствата на загинатите и илјадници граѓани учествуваа во масовниот погреб, при кој во земјата се спуштени 17 празни ковчези.
Процесот на идентификација ќе трае неколку месеци, а власта вчера, на семејствата на починатите започна да им дава вреќи со изгорена земја од местото каде што падна авионот на „Етиопијан ерлајнс“.
Семејствата на загинатите, сепак се надеваат дека наскоро ќе ги добијат посмртните остатоци на настраданите.
Поголемиот дел од членовите на семејствата на загинатите пристигнаа на местото на несреќата и зедоа вреќи со еден килограм земја.
Истовремено, инспекторите во Париз продолжуваат со отворањето на црната кутија.
Американската Федерална администрација за авијација (FAA) соопшти дека од сателитските снимки може да се забележи сличност на авионската несреќа што се случи во Адис Абеба со минатогодишната во Индонезија, во која се урна авионот на „Лајон ер“ („Lion Air“), при што загинаа 189 патници и 4 члена на екипажот.
Во двете несреќи се работи за авиони од типот „Боинг 737 Макс 8“ („Boing 737 Max 8“). Голем број земји на неопределено ја забранија употребата и го затворија воздушниот простор за овој вид авиони на „Боинг“ („Boing“).