Barış Seçkin
24 Октомври 2016•Ажурирај: 24 Октомври 2016
РИМ (АА) - Утрово, кусо време по полетувањето, од сѐ уште непознати причини се урна двомоторен авион кој полетал од меѓународниот аеродром „ Лука“ во Малта, кон либискиот град Мисурата. По уривањето авионот се запалил, јавува Anadolu Agency (AA).
Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика Фредерика Могерини на својот профил на Твитер напиша дека во авионот немало официјални претставници на Европската Унија. „Во авионот немаше официјални претставници на ЕУ. Летот не е заведен во ниту една агенда на Европската Унија“.
Високотиражниот весник на Малта, „Тајмс оф Малта“ објави вест врз база на безбедносни извори дека нема преживеани меѓу петте патници во авионот.
Весникот „Малта тудеј“, пак, објави вест во која се вели дека урнатиот авион потекнувал од Луксембург и според непотврдени информации, во него имало официјални воени претставници на ЕУ и САД.
Во меѓувреме, Европската агенција за управување со надворешните граници на земјите-членки на Европската Унија (Фронтекс) објави дека паднатиот авион не е нивен.
Од друга страна, поради авионската несреќа што се случи во близина на меѓународниот аеродром Лука, тој е затворен за летови.