Admir Fazlagic
07 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
СКОПЈЕ (AA) - По падот на комерцијалниот авион, кој се случи вчера во попладневните часови, кај село Кожле, во близина на Катланово на терен се надлежните екипи коишто работат на расветлување на авионската несреќа, јавува Anadolu Agency (AA).
Се соопштува дека на терен е Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи, како и Јавното обвинителство.
„Јавното обвинителство презема дејствија за расветлување на авионската несреќа што попладнево се случи во близина на Скопје. По добиените сознанија, Обвинителството во координација со надлежните институции презема мерки за утврдување на местото на несреќата, негово обезбедување и натамошно постапување. Истовремено се прибираат податоци и релевантни факти во насока на утврдување на причините за несреќата“, соопшти Јавното обвинителство, додавајќи дека со подетални информации јавноста ќе биде дополнително запознаена.
Инаку, синоќа беа пронајдени делови од урнатиот комерцијален авион што од Тревизо, Италија, летал кон Приштина, а според информациите на МВР, тој вчера во 17:40 часот исчезна од радарот на Контролата за летање на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Авионот се урна кај селото Кожле, во близина на Катланово. Тој на скопскиот аеродром бил уредно пријавен за дополнување на гориво.
Според досегашните официјални информации што ги соопшти МВР, во авионот имало 6 лица, од кои 4 италијански и двајца косовски државјани.
Некои од жителите на селото Кожле рекоа дека вчера во попладневните часови врнел силен дожд и дека слушнале силни звуци, но не знаеле за што се работи, сѐ додека на местото на настанот не пристигнале полициските екипи и брзата помош.