Ekipa
11 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
АДИС АБЕБА (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Етиопија, каде што од минатата недела на сила е вонредна состојба поради насилните антивладини протести, јавува Anadolu Agency (AA).
Во големите градови во областа Ороми, од 2 октомври траат нередите проследени со насилство кои избија за време на фестивалот. Во нередите и судирите со полицијата, повеќе десетици лица го загубија животот. Советот на министри на таа земја минатата недела прогласи вонредна состојба.
Во рамките на африканската турнеја, германската канцеларка освен Етиопија, ќе ги посети и Мали и Нигерија. Таму ќе се состане со највисоките официјални лица за да укаже на глобалната миграциска криза и исто така, ќе разговара за безбедносните прашања.
Се очекува Меркел да се состане со етиопскиот прeмиер Хајлемаријам Десалењ.
Етиопија е една од земјите со најмногу бегалци во светот, а мнозинството од нив доаѓа од Сомалија и од Јужен Судан.
Минатата недела, во насилните протести во таа земја загинаа 50 лица во судирите со полицијата. Од почетокот на годината загинаа 400 лица.
Етиопјаните често излегуваат на улиците барајќи од владата повеќе слобода и почитување на човековите права.
Особено внимание во светската јавност оваа година привлече етиопскиот атлетичар Фејиса Лилеса, тркач кој освои сребрен медал за Етиопија во олимпискиот маратон на овогодишните Олимписки игри во Рио де Женеиро.
Тој потоа зборуваше за насилството во неговата земја, истакнувајќи дека тоа не смее да се врати.
Лилеса изјави дека неговиот народ Оромо се бори за слобода, и дека владата на Етиопија сака да ги прошири границите на главниот град Адис Абеба во селата во кои живее народот Оромо.
Оромо е инаку најбројна етничка група во Етиопија.