Mıchael Gabrıel Hernandez
28 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп го објави долгонајавуваниот наводен план за ставање крај на израелско-палестинскиот конфликт, нарекувајќи го „фундаментално различен од минатите предлози“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тоа е најдеталниот предлог изнесен досега“, изјави Трамп во Белата куќа каде што беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на израелската опозиција Бени Ганц.
„За сложените проблеми потребни се нијанси, лекови базирани на факти. Затоа нашиот предлог дава прецизни тактички решенија за Израелците, Палестинците и регионот да бидат побезбедни и многу попросперитетни“, додаде Трамп.
Меѓу деталите од планот на Трамп е Ерусалим да остане „неделива престолнина на Израел“, предизвикувајќи тензии со неговата одлука за признавање на Ерусалим како главен град на Израел во декември 2017 година.
„Според оваа визија, Ерусалим ќе остане неделив главен град на Израел. Но, тоа не е некоја голема работа, затоа што јас веќе го сторив тоа за вас, нели?“, рече Трамп.
Тој соопшти дека во рамките на наводниот блискоисточен мировен план предвиден е рок од четири години Палестина да стане независна држава.
Трамп наведе дека блискоисточниот мировен план е „последна шанса“ за независна палестинска држава и за Палестинците.
Трамп ги информираше Нетанјаху и Ганц за мировниот план од 80 страници, чија подготовка беше предводена од неговиот зет и негов специјален советник Џаред Кушнер, во Белата куќа вчера. А палестинскиот претседател Махмуд Абас го одби барањето на Трамп за телефонски разговор, според палестински официјален претставник.
Абас во неколку наврати го најави своето отфрлање на американскиот план бидејќи не се осврнува на прашањата на Ерусалим, бегалците и границите.
Планот не ги исполнува ниту најосновните палестински барања за сеопфатен мир со Израел, вклучително и правото на враќање на палестинските бегалци кои избегаа или беа присилно истерани од своите домови како резултат на конфликтот, како и нивните потомци.
Палестинските власти ја прекинаа комуникацијата со нивните американски колеги откако Трамп реши унилатерално да го признае Ерусалим за главен град на Израел, поткопувајќи го на тој начин клучниот столб на мировните преговори.
Трамп рече дека неговиот предлог исто така изискува „цврсто отфрлање на тероризмот“ од страна на Палестинците, и признавање на „соседна“ палестинска држава која ќе ја „удвои палестинската територија“ со текот на времето, штом се исполнат одредени услови. На Израел ќе му биде одобрена безбедносна контрола врз Јорданската Долина на окупираниот Западен Брег.
Ниту Палестинците ниту Израелците нема да бидат преселени од своите домови, рече Трамп.
Белата куќа допрва треба да објави копија на наводниот мировен план.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се заблагодари на Трамп за „фантастичниот договор“, истакнувајќи дека се согласил „да преговара за мирот со Палестинците врз основа на“ овој план.
Тој соопшти дека според наводниот блискоисточен мировен план, палестинските бегалци нема да имаат право за враќање.