Ekipa
22 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
МЕЛБУРН (АА) - Два земјотреса со јачина од 5,9 и 5,3 степени според Рихтеровата скала го погодија Нов Зеланд. Според првичните информации, нема повредени ниту е евидентирана поголема штета, пренесува Anadolu Agency (AA).
Земјотрес со јачина од 5,9 степени околу 1:20 часот го погоди источниот брег на Северниот Остров, а пет часа подоцна следуваше послаб земјотрес што го погоди Јужниот Остров, соопшти американскиот геолошки институт.
Пацифичкиот центар за предупредување нема издадено предупредување за цунами.
Досега не се регистрирани жртви или материјална штета, но медиумите во Нов Зеланд објавија дека земјотресот предизвикал страв кај населението.
Се претпоставува дека двата земјотреса се последица од претходниот силен земјотрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала, кој на 14 ноември го погоди островот. Во овој земјотрес загинаа две лица.
Нов Зеланд се наоѓа во зоната т.н. „Пацифички огнен прстен“, каде што земјотресите и вулканските ерупции се честа појава.