Mohamed Sabry Emam Muhammed
22 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
КАИРО (АА) - Египетскиот касационен суд денес ја отфрли доживотната затворска казна на поранешниот претседател Мухамед Морси изречена на основа на обвинението за „шпионажа“ со палестинското движење Хамас и нареди ново судење, јавува Anadolu Agency (AA).
Морси, заедно со уште 16 обвинети членови на Муслиманските браќа, минатата година е осуден на доживотен затвор врз основа на обвинението за „шпионажа“. Судот исто така осуди 16 обвинети, меѓу кои 13 во отсуство, на смртна казна врз основа на обвинение за шпионажа со палестинското движење Хамас и либанската група Хезболах.
Египетскиот касационен суд денес ја прифати жалбата на Морси и на другите обвинети за минатогодишната пресуда и нареди повторно судење, потврди за АА неименуван судски извор.
Истиот суд минатата недела ја укина смртната казна изречена на поранешниот египетски претседател, соборен со воениот удар во 2013 година и нареди повторно да му се суди во случајот познат како „Масовно бегство од затвор“ во 2011 година.
Египетскиот суд во јуни минатата година ја потврди пресудата со која поранешниот египетски претседател е осуден на смртна казна поради масовното бегство од затворот за време на револуцијата во 2011 година. Морси заедно со другите обвинети лица побегна од затворот Вади ал-Натрун, за време на бунтот со кој е соборен тогашниот претседател Хосни Мубарак во 2011 година, кој 30 години ја водеше државата.
Морси како прв демократски избран лидер на Египет, е соборен од страна на војската, во јули 2013 година, а соочен е со пет одвоени судења поради повеќе кривични пријави, вклучувајќи и шпионажа и „навреда на правосудството“. Тој, како и другите обвинети, смета дека обвиненијата се политички мотивирани.