Dejan Maksimovic
03 Август 2017•Ажурирај: 04 Август 2017
МАДРИД (АА) - Раководството на шпанската Ла Лига соопшти дека ги одбило претставниците на Нејмар кои безуспешно се обидувале да ја платат неговата откупна клаузула вредна 222 милиони евра, со што бразилскиот фудбалер стана слободен играч и би можел да премин од Барселона во Пари Сен Жермен, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Ла Лигата за шпанските медиуми изјавија дека не го прифатиле плаќањето на клаузулата бидејќи не сакаат да бидат посредници за играчите. Со овој потег не е во потполност спречен обидот Нејмар да стане играч на париските „светци”, бидејќи останува можноста обештетувањето да се уплати директно во Барселона.
Медиумите наведуваат дека следниот чекор на претставниците на Нејмар, кој го предводи специјалистот за спортско право Хуан де Диос Креспо, е на Светската фудбалска федерација (ФИФА) да ѝ го претстават привремениот трансфер за Бразилецот да стекне право на настап за ПСЖ во француското првенство, кое почнува од наредниот викенд.
Хавие Требас, претседателот на Ла Лигата, вчера за шпанските медиуми изјави дека нема да го прифати плаќањето на клаузулата на претставниците на Нејмар, бидејќи тоа ги крши правилата за финансискиот фер-плеј на Европската фудбалска федерација (УЕФА).
Во случај да се пронајде начин играчот навистина да премине во ПСЖ, Нејмар наводно би заработувал 30 милиони евра годишно, по платениот данок.
Нејмар во Барселона стигна во 2013 година и оттогаш одигра 186 официјални натпревари и постигна 105 гола. Во дресот на репрезентацијата на Бразил настапи 77 пати со 52 голови.