Hasan Esen
28 Февруари 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
МАДРИД (АА) - По тешкиот срцев удар вчера, на 68-годишна возраст почина легендарниот шпански фудбалер Енрике Кастро, попознат како Кини, јавува Anadolu Agency (AA).
Кини доживеа тежок инфаркт во семејната куќа во Хихон, а почина во болницата во тој шпански град.
Управата на Барселона ја потврди веста за смртта на Кини, кој за време на неговата кариера го носеше дресот на каталонскиот тим.
„'Камп ноу' никогаш нема да го заборави Кини“, соопштија од управата на Барселона на Твитер (Twitter).
Кини беше еден од најдобрите стрелци во историјата на шпанскиот фудбал, а настапуваше за Спортинг од Хихон и за Барселона.
Во доцните 1970-ти години, Кини во пет наврати беше најдобар стрелец во првата шпанска лига, а за шпанската репрезентација одигра 35 натпревари и постигна осум гола.
На широката јавност ѝ е познат по тоа што во 1981 година беше киднапиран откако Барселона го порази тимот на Херкулес со резултат од 6:0. Тој беше ослободен после 25 дена, успевајќи таа сезона да биде најдобриот стрелец во лигата.