Dejan Maksimoviç
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
ПАРИЗ (АА) - Фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен, откако со денови тврдеше дека постои можност повредениот Нејмар да игра против Реал Мадрид во реваншот од осминафиналето од Лигата на шампионите, доцна синоќа потврди дека Бразилецот, сепак, ќе мора да се подложи на операција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бразилскиот репрезентативец се повреди во неделата во дуелот со Олимпик Марсеј. Потоа медиумите објавија дека го изместил глуждот, дека му напукнала метатарзална коска на стапалото, дека го чека оперативен зафат и пауза од речиси два месеци. Сепак, Унаи Емери, тренерот на ПСЖ, ги демантираше овие наводи.
„Не донесовме одлука Нејмар да оди на операција, тоа не е точно. Утрово имав состанок со докторот кој ми кажа дека Нејмар има шинување. Прегледите покажаа дека има и мало напукнување на петата метатарзална коска. Ќе видиме во следните неколку дена како ќе се одвива неговото опоравување и заедно со него ќе донесеме одлука дали ќе игра против Реал“, рече Емери во вторникот.
Ден подоцна Нејмар сениор, таткото на фудбалерот, за бразилските медиуми откри дека неговиот син нема да игра против Реал Мадрид и дека го чека пауза од шест до осум недели.
Во вечерните часови истиот ден стигна и потврда од ПСЖ, кој објави дека Нејмар до крајот на неделава ќе биде опериран во Бразил.
„По тридневна медицинска нега донесена е заедничка одлука на медицинскиот персонал на клубот, бразилскиот репрезентативец да оди на операција“, објавија од ПСЖ.
Ова значи дека парискиот клуб во реваншот од осминафиналето од Лигата на шампионите против Реал Мадрид ќе игра без првата ѕвезда. Натпреварот ќе се одигра на 6 март на „Паркот на принцевите“, а „кралскиот клуб“ има предност од 3:1, резултат постигнат на првиот натпревар во Мадрид.