Barış Seçkin
04 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
РИМ
Неизвесно е дали денес ќе се одигра натпреварот од 3. коло во италијанската Прва фудбалска лига - Серија А, меѓу Јувентус и Наполи, поради забраната за патување за гостинската екипа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави италијанската новинска агенција АНСА, можно е одложување на денешниот натпревар меѓу Јувентус и Наполи, откако локалните здравствени органи на сино-белите им забранија да патуваат бидејќи тројца играчи на Наполи се позитивни на Ковид-19. Во веста се наведува дека и раководството на Серија А ја разгледува опцијата за одложување на натпреварот.
Синоќа преку својот профил на социјалната мрежа Твитер се огласи и Јувентус објавувајќи дека „Јувентус, според програмата што ја предвидува распоредот на Серијата А, утревечер ќе биде на терен“.
Завчера позитивни на Ковид-19 беа Пиотр Зиелински и еден член на техничката делегација, додека вчера новиот тип коронавирус е откриен и кај македонскиот интернационалец во редовите на Наполи, Елиф Елмас.
Минатата недела Наполи на домашен терен ја совлада Џенова со 6:0, а по тестирањето спроведено по натпреварот, 17 лица од таборот на Џенова, од кои 12 играчи, беа позитивни на Ковид-19. Оваа недела на барање на Џенова откажан е натпреварот Џенова - Торино.
По случаите на Ковид-19 во Џенова, очите беа свртени кон Наполи и при првиот круг на тестирања сите играчи беа негативни на коронавирусот.
Според новите правила воведени оваа година во Серија А, екипите имаат право да го одложат натпреварот само еднаш. Доколку некоја екипа го искористи тоа право, тогаш во повторен случај или ќе излезе на терен со 11 играчи или ќе се смета дека загубила со резултат 3:0.