Mehmet Fatih Duman
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој претходно играше во скопскиот Работнички, клуб од првата македонска фудбалска лига, потпиша официјален договор со турскиот фудбалски клуб Фенербахче, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата што се одржа на стадионот „Улкер“ во Истанбул, Елмас потпиша тригодишен договор со турскиот клуб, а на церемонијата беа присутни потпретседателот на клубот Фенербахче, Шекип Мостуроглу, таткото на Елмас и неговиот брат.
Мостуроглу изјави дека преговорите за трансфер на Елмас започнале во јули, и додаде дека по завршувањето на трансфер-сезоната постигнале договор. Тој посака договорот да биде успешен за двете страни.
„Кога одржавме средба со него, беше помлад од 18 години. Оваа недела полни 18 години. Овој трансфер за нас е мошне значаен“, рече Мостуроглу.
- Елмас: „Фенербахче е голем клуб, се надевам дека ќе станеме шампиони“
Младата ѕвезда на „жолто-сините", Елмас, истакна дека е многу среќен што дошол во една ваква голема екипа, која тој ја нарече семејство.
„Фенербахче е голем клуб. Се надевам дека во овој клуб ќе останам многу години. Сакам да направам многу добри работи. Се надевам дека оваа година ќе станеме шампион“, изјави Елмас.
Елиф укажа на помошта на поранешниот кошаркар на Фенербахче, Перо Антиќ.
„Перо Антиќ ми стана многу добар пријател. Ми кажа дека Фенербахче е многу голема екипа. Ми кажа дека кога ќе дојдам тука ќе видам колку е голем овој клуб. Разговаравме во слаткарницата на мојот татко. Кажа сѐ најдобро за Фенербахче. Јас и претходно знаев дека Фенербахче е најдобриот клуб во Турција“, рече Елмас.