Doga Kirmizioglu
28 Септември 2017•Ажурирај: 30 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Голем број истакнати европски тимови од Англија, Шпанија, Германија, Италија, Франција и од Португалија им веруваат на младите фудбалски таленти и ги вклучуваат во своите тимови. Овие играчи кои не им се многу познати на љубителите на фудбалот, се посочуваат како дел од кандидатите за идни ѕвезди на зелените терени, пишува Anadolu Agency (AA).
И покрај тоа што се на почетокот од своите фудбалски кариери, младите талентирани фудбалери успеаја да станат дел од екипите на истакнати тимови поради својот голем потенцијал, особено поради добрата игра во категориите на млади фудбалери во националните тимови.
- Реал Мадрид го чека Винисиус Јуниор
Еден од најстарите клубови во шпанската Ла лига, Реал Мадрид, плаќајќи отштета од 45 милиони долари, во своите редови го доведе 17-годишниот Бразилец Винисиус Јуниор, кој уште во почетокот се истакнува со својата игра.
Поради тоа што сѐ уште е малолетник, Винисиус не може да го облече дресот на Реал и продолжува со својот фудбалски живот во бразилската екипа Фламинго, каде што се истакнува со својата голема брзина, техниката и интелигентната игра.
Во редовите на бразилската репрезентација на Шампионатот на Јужна Америка до 17 години, Винисиус во 21 натпревар постигна 18 погодоци и беше прогласен за најдобар напаѓач на првенството. Тој, како позајмен играч, во наредните две сезони ќе игра за Фламинго и откако ќе стекне искуство, се очекува во сезоната 2019/2020 да заигра за Реал Мадрид.
- Последниот фаворит на „Ла Масија“
Светски познатата фудбалска школа на Барселона позната под името „Ла Масија“ му верува на својот напаѓач Абел Руиз.
Шпанецот Руиз, како капитен на репрезентацијата до 17 години, на 29 натпревари, 18 пати ги затресе мрежите. Се очекува Руиз со својата висока техника и брзина да влезе меѓу најзначајните имиња во Барселона.
- Борусија Дортмунд ги најде своите млади таленти
Плаќајќи му на Манчестер сити обештетување од 9 милиони долари, Борусија Дортмунд во своите редови го доведе 17-годишниот Џејсон Санчо, англиски играч, по потекло од Тринидад и Тобаго. Се верува дека овој млад талент кој во кусо време се докажа, наскоро ќе заигра и во првата екипа на Дортмунд.
Друг млад талент што Борусија Дортмунд оваа сезона го доведе во своите редови е францускиот играч Дан-Аксел Загаду.
Одбранбениот играч висок 196 см, кој потекнува од фудбалската школа на Пари Сен Жермен, во летниот преоден рок потпиша професионален договор со Дортмунд и се очекува благодарение на довербата што клубот ја покажува кон него, да најде место меѓу првите единаесетмина.
- Јувентус го изнајми Кин
Моизе Кин кој игра во дресот на Јувентус, најуспешната екипа во Серија А во последните неколку години, се посочува како еден од идните најдобри напаѓачи.
Кин е роден во Италија и на 11-годишна возраст е забележан од страна на Јувентус, по што е преземен од фудбалската школа на Торино.
Кин имаше брз напредок во школата на Јувентус и успеа да влезе во репрезентацијата на Италија за помала возраст, за која во 28 натпревари постигна 13 погодоци. Со цел да стекне искуство, позајмен е во екипата Хелас Верона, за која настапува на некои натпревари во првенството.