Barış Seçkin
30 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
РИМ (АА) – Италијанската полиција во рација на една мафијашка група заплени две непроценливи дела на холандскиот сликар Ван Гог, кои беа украдени пред 14 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Според италијанските медиуми, кај италијанската мафијашка група се пронајдени двете непроценливи дела на познатиот сликар: „Плажата Шевенинген“, насликана во 1882 и „Црквата Нуенен“ од 1884, кои беа украдени од музеј во Амстердам, во декември 2002 година.
Во акцијата во врска со трговија со кокаин на меѓународно ниво, што беше извршена во местото Кастеламаре ди Стабија, италијанската финансиска полиција наиде на две слики на Ван Гог кај една мафијашка група поврзана со организацијата „Камора“, која е влијателна во Наполи и во околината.
Се дознава дека групата дошла до овие слики преку црниот пазар, односно во компензација за кокаин.
Министерот за култура на Италија, Дарио Франчесчини, во својата изјава рече: „Борбата на италијанските безбедносни сили против трговијата на црно со уметнички дела, даде извонредни резултати. Тоа го покажува оваа истрага во која ваквите криминални организации уметничките дела ги гледаат како финансиски извор и затоа имаат интерес од нив“.
Министерот Франчесчини изјави дека денес е многу важен ден, и им честита на Републичкото обвинителство во Наполи и на финансиската полиција за нивната заедничка акција која даде позитивен резултат.