Srecko Stipovic
25 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
ТРАВНИК (AA) - Кога Босанец ќе се заинаети, тогаш новата куќа ја претвора во работилница, а и понатаму живее во старата куќа што прокиснува. Токму на таков потег се решил Нико Ловриновиќ од Горен Путиќев кај Травник.
Пред седум години, како на повратик, неговата куќа била финансирана од страна на Министерството за раселени лица и бегалци на БиХ, а работите ги извела фирма од Завидовиќи.
Поради тоа што сѐ не било според проектната документација, Нико за инает одбил да ги прими клучевите и да се всели во куќата што тогаш имала бања, две простории, струја и вода...
„Бетонот што е ставан во плочата и во столбовите воопшто не е вибриран, ќерамидите не се со соодветен квалитет, кровната конструкција ја потпреле директно на плочата, темелите ги направиле длабоки само 30 сантиметри. Изолацијата не е направена прописно. Што ќе ми е таква куќа?“ вели Нико, оправдувајќи го одложувањето на неговото вселување во новата куќа.
Нико се жалел дури и до ОЕСС-БИХ, па изведувачот на работите се обидел делумно да ги исправи своите грешки, но Нико не бил задоволен.
„Не сакам да се вселам во таква куќа. Нека ја тргнат од мојата земја“, им се обратил тогаш Нико на општинските претставници, но и на претставниците на државата што ја финансирале изградбата на куќата.
Нико Ловреновиќ никој не можел да го наговори да се всели во новата куќа. Како одминувало времето, морал од нешто да живее, па Нико дошол до идејата новата куќа да ја претвори во работилница.
Врвниот мајстор кој некогаш работел во „Братство“ од Нови Травник и иноватор кој има дури три занаети, одлучил да ја тргне бањата од куќата, да отстрани една врата и да направи работилница. Во неа прави нешто за соседите и пријателите, а нешто и за своја душа.
Неодамна направил мелница за овошје од барабан за машина за перење, кој откако ќе заврши со мелењето може да служи како столче или лежалка. Направил и столче во кое може да седи, да го пренамени во маса и стол, а само со еден потег се претвора и во мали скалила што помагаат за работење на висина. Сите тие се негови оригинални производи бидејќи Нико не гледа телевизија и нема интернет.
„Имам патенти, но нема луѓе со пари за тие да се заштитат и да почне нивно сериско производство. Како и во тоа да сум некаков баксуз. Некои доаѓаат да ги снимаат и потоа ги прикажуваат како нивен производ. Веќе не давам дури ни да гледаат“, се пожали Нико во разговорот за Anadolu Agency (AA).
Дека Нико навистина е баксузен, потврдува и неодамнешниот пример кога ја напуштил работата кај еден приватник каде што имал дневница од 40 конвертибилни марки (20 евра), а отишол кај друг мислејќи дека ќе добие многу повеќе. Но тоа се покажало како лоша, баксузна одлука.
Старата куќа на Нико одамна прокиснува. Во неа се сместени алатите за градежништво, кауч, маса, неколку стола и најлонот под плочата што прокиснува веднаш штом ќе заврне. Босанскиот инает не попушта.
„Не, нема никогаш да се преселам во куќата што ми ја направи државата. Живеам во неа додека работам, а штом завршам со работа, повторно одам на спиење во својата стара куќа. Тоа е тој босански инает“, рече Нико. Во моментите кога е тажен, Нико ја зема својата хармоника стара над 50 години, која ја добил од својот чичко, и свири стари босански песни. Вели, така му е полесно, бидејќи овој музички инструмент засега му е единствениот и најдобар пријател.