Dejan Maksimoviç
12 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
ЛИВЕРПУЛ (АА) -Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека би платил двојно за Алисон, по неговата синоќешна феноменална интервенција во судиското продолжение на натпреварот во Лигата на шампиони против Наполи. Благодарејќи на бразилскиот репрезентативец остана 1 : 0 за домаќините, со што се пласираа во осминафиналето, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Редси“ одиграа одличен натпревар на Енфилд, но за пропуштените можности можеше да бидат казнети во втората од четирите минути од судиското продолжение.
Аркадиуш Милик се најде во петерецот сам пред Алисон, но неговиот удар беше запрен од Бразилецот.
„Голманот направи одбрана на сезоната. Немам поим како успеа тоа да го одбрани. Фала му на Бога, па го имаме. Да знаев колку е добар, би платил двојно за него. Мислам дека никој не очекуваше одбрана во таа ситуација. Тоа беше гол, зарем не? Имаше толку многу работи да направи овој натпревар, но тоа што тој беше ладен и смирен, тоа зборува многу. Но, и понатаму ми се потребни и останатите играчи, така што Алисон не мора да има 100 вакви одбрани“, изјави Клоп.
Покрај Алисон, јунак на триумфот на „редси“ беше Мухамед Салах, стрелецот на победничкиот гол во 34. минута. Со победата Ливерпул го освои второто место во групата Ц, прескокнувајќи го токму Наполи. Од првата позиција во осминафиналето на Лигата на шампиони оди Париз Сен-Жермен, додека Црвена ѕвезда е четврта.
Во јули оваа година Ливерпул го доведе Алисон од Рим за 62,5 милиони евра, а висината на трансферот со одредени бонуси може да достигне износ од 72 милиони евра.