Dejan Maksimovic
11 Август 2017•Ажурирај: 12 Август 2017
ЛИВЕРПУЛ (АА) - Од фудбалскиот клуб Ливерпул денес соопштија дека каква било понуда за нивниот играч Филипе Кутињо нема ниту да се разгледува, а камоли да се прифати. Подоцна, Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, објави дека Кутињо ќе го пропушти стартот на новата сезона во Премиер Лигата, поради повреда на грбот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Кутињо има проблеми со грбот и нема тренирано од минатиот петок. Поради тоа сигурно нема да игра во сабота против Ватфорд, а е под знак прашалник е и за вторник кога играме против Хофенхајм во плеј-офот за Лигата на шампионите“, рече Клоп за британските медиуми.
Бразилскиот репрезентативец во последните неколку дена беше во центарот на вниманието, бидејќи каталонските медиуми објавија дека ќе премине во Барселона за обештетување од 100 милиони евра. Сепак, од Ливерпул тоа денес и официјално го негираа преку соопштението во кое се наведува дека Кутињо нема да биде продаден.
Бразилецот неодамна потпиша нов петгодишен договор со Ливерпул, во кој нема ослободувачки клаузули.
Кутињо на Анфилд стигна од Интер во 2013 година, за 9,4 милиони евра. Во дресот на „редси“ одигра 182 официјални натпревари и постигна 42 гола. За репрезентацијата на Бразил настапи 28 пати со седум погодоци.