Dejan Maksimovic
26 Август 2017•Ажурирај: 27 Август 2017
ЛИВЕРПУЛ (АА) - Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, одби да ја критикува Барселона поради нејзините настојувања во своите редови да го доведе Филипе Кутињо, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сопствениците на Ливерпул вднаш по првата понуда на „Барса” за одличниот Бразилец порачаа дека нема да го продадат ни по која цена. И покрај тоа, каталонскиот клуб испрати уште две понуди, кои глатко беа одбиени.
Кутињо оваа сезона не настапи во првите четири официјални натпревари за Ливерпул, два во Премиер лигата и два од плеј-оф натпреварите во Лигата на шампиони. Клубското образложение на ова беше дека бразилскиот репрезентативец има проблеми со грбот. Менаџерот Клоп изјави дека воопшто не размислува околу тоа и додаде дека е фокусиран на други нешта.
„За да бидете раочарани поради некои нешта, морате претходно да имате очекувања. Јас немам никакви очекувања и да бидам искрен, не мислам на други клубови. Сите ние си имаме свои проблеми и ако мислиме дека мораме нешто да направиме, ние тоа и го правиме. Во овој момент сметам дека нашата работа ја завршивме пред 6 недели. Да ги пуштиме сите останати да го прават она што го сакаат. Тоа станува сѐ поразлично и потешко. Не го осудувам она што го прават останатите клубови. Не сум сигурен дека имаше барем еден лесен ден од почетокот на подготовките. Постојано нешто се менува”, рече Клоп и додаде:
„Сите тие расправии околу Кутињо, а потоа се повреди Адам Лалана... Тоа беше големо 'Што?'. Мислам дека никој не можеше да очекува дека ќе бидеме подготвени на тоа. Меѓутоа екипата извонредно се носи со целата ситуација”.
Ливерпул во текот на неделава успеа преку Хофенхајм да се пласира во груната фаза на Лигата на шампиони, а во недела го очекува големото дерби во Премиер лигата, кога како домаќин на Енфилд ќе го пречека лондонски Арсенал.