Berk Kutay Gökmen
19 Ноември 2026•Ажурирано: 19 Ноември 2026
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес ја поздрави историската пресуда на Меѓународниот суд на правдата со која Мјанмар е прогласен за одговорен за геноцид врз муслиманите Рохинџи, јавува Анадолу.
Во објавата на американската социјална мрежа Х, Гутереш ја опиша пресудата како значајно признание за жртвите и потврда на меѓународната правда.
Тој рече дека одлуката потврдува оти „не смее да има неказнивост за ваквите ужасни злосторства“.
Гутереш нагласи дека пресудата е „обврзувачка, конечна и без право на жалба“, повикувајќи го Мјанмар да ја почитува одлуката на Судот.
„Прекинувањето на кругот на неказнивост во Мјанмар и обезбедувањето одговорност се од суштинско значење за националното помирување и трајниот мир“, рече тој.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) со мнозинство од девет наспроти шест гласа пресуди дека Мјанмар извршил геноцид за време на воените операции против муслиманите Рохинџи во северната држава Ракин во 2017 година.
Ова е првпат највисокиот суд на ОН да утврди дека една држава е одговорна за извршување геноцид.
Читајќи ја пресудата, претседателот на МСП, Јуџи Ивасава, рече дека Мјанмар ги прекршил своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид.
Судот утврди дека безбедносните сили на Мјанмар убиле илјадници цивили Рохинџи, извршиле широко распространето сексуално насилство и брутални акти на насилство врз деца.
Во пресудата се наведуваат и нападите врз Рохинџите кои бегале преку границата во Бангладеш.
Судиите заклучија дека обемот и методите на воените операции ги надминале границите на воената неопходност и укажувале на намера за уништување на значителен дел од населението Рохинџи.
Судот му наложи на Мјанмар веднаш да преземе ефикасни мерки за истражување на осомничените сторители, обезбедување одговорност и овозможување безбедно, доброволно и достоинствено враќање на раселените Рохинџи.
Исто така, му наложи на Мјанмар да обезбеди реституција и обесштетување на жртвите.