Amina Zorniç
01 Октомври 2016•Ажурирај: 03 Октомври 2016
САРАЕВО (АА) - Неско Кајтаз од Качун кај Бусовача, во Босна и Херцеговина, речиси 16 години со помош на уред кој сам го направил, а потоа го инсталирал на својот, како вели, стар голф, пронаоѓа и открива подземни води и извори, јавува Anadolu Agency (AA).
Во разговор за Anadolu Agency (AA) вели дека за пет дена не може да се посетат сите оние на кои со својот голф им пронашол вода.
За својата техника на барање вода не сака да зборува многу, додавајќи дека неговите успеси зборуваат сами за себе.
Она што е познато е дека голфот поминува низ саканата локација, го пронаоѓа местото под кое има вода, и го означува местото за бушење на бунар.
„Го работам ова од завршувањето на војната, започнав во 2000 година. Почнав малку по малку, додека стекнав поголемо искуство”, појаснува Кајтаз.
Во неговиот стар автомобил вели дека има „сè и сешто”, а најважно места зазема „мистериозниот уред”, кој како вели ја детектира водата под тлото.
Додава дека уредот ретко кога греши и дека неговото барање речиси секогаш завршува со успех.
„Направив нешто за себе - мал апарат, кој досега се покажа како еден од подобрите. Го правев уредот за ровокопач, за да ми дава сигнал за кабли, струја, а испадна дека дава сигнал и за вода. Треба само да има напон од 12 волти, ако не може да пронајде голфот не може ни машината. Јас не ја носам машината ако немам сигнал”, додаде Кајтаз.
Како што вели, нема ниту еден дел од Босна и Херцеговина во кој не бил за да пронајде подземни води или извори. Луѓето најмногу го контактираат преку препораки.
Во последно време, како што рече, сè почесто го бараат Арапите кои ги населуваат периферните делови на Сараево.
Вели дека секогаш е награден кога пронаоѓа вода, а доколку ја нема - не наплаќа ништо.
Екипата на АА го затекна Кајтаз на имотот на еден земјоделец во Високо. Водата ја пронашол, но нејзинитот интензитет не е доволен да им послужи на одгледувачите на 100.000 пилиња.
Мухамед Доксо, брат на сопственикот на пилињата, вели дека за Кајтаз дознал преку интрнет. Доколку му пронајде потребна количина на вода, додава, ќе го награди со голема награда.
„За него разбравме преку интернет, преку интернет денес се наоѓа сè, се гледа сè, се наоѓа кој е поволен, како работи, на колку метри буши. Ако најде вода на 100 метри добива 5.000 евра. Тој помина околу 80 метри, имаше вода, но колкаво количество вода, тоа ќе видиме, испитуваме колку долго може да испумпува пумпата и колку вода во секунда дава”, појаснува Доксо, кој беше скептичен кога првпат го виде Кајтаз како бара вода со стар голф.
Скептичен беше и Едхем Смајловиќ, земјоделец од Подлугов.
„Случајно ја слушнав приказната за Кајтаз, луѓето зборуваа за него, и јас го повикав бидејќи ми требаше вода за шталата. Беше малку невообичаено кога дојде и кога возеше со голфот, не верував, стоев таму, молчев и се смеев. Тогаш пронајде вода на 12 метри. Вградив пумпа и сега имам вода, благодарен сум му”, раскажа Смајловиќ за АА.
Кајтаз за АА рече дека продолжува да ја врши својата работа и да бара вода сè додека другите тоа го бараат.