Mustafa Güngör
30 Декември 2016•Ажурирај: 31 Декември 2016
МЕРСИН (АА) - Најмалку две лица загинаа, тројца се водат за исчезнати, а пак речиси 30.000 луѓе останаа без електрична енергија поради поплавите кои во изминативе два дена го зафатија Мерсин, град во јужниот дел на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Градот Мерсин е погоден со можеби најголемата природна катастрофа во историјата, а за шест часа во овој град наврнаа 170 литри дожд на квадратен метар, што е една третина од вкупните врнежи во Мерсин во текот на годината.
Турскиот министер за развој, Љутфи Елван го посети кризниот штаб во Мерсин, каде што ги доби најновите информации за состојбата на теренот.
„Канцеларијата на гувернерот на Мерсин, другите јавни институции и градските власти работат на теренот со 686 возила и 2.347 луѓе. Се користат 78 машини за исфрлање на водата. За жал, две лица загинаа, а пак тројца се водат за исчезнати. Нашите тимови се во потрага по исчезнатите тројца“, рече Елван.
Под вода останаа 851 објект и 331 возила.
„Поплавени се 95.000 акри земјиште, а во некои делови нивото на водата достигна висина и од еден метар“, вели Елван.
Тој додаде дека поради поплавата, без струја останаа најмалку 28.000 жители во 113 села околу градот.