Mahmut Atanur
04 Јануари 2020•Ажурирај: 05 Јануари 2020
ЏАКАРТА
Поројните врнежи од дожд во Индонезија предизвикаа поплави и свлечишта во кои досега животот го загубија 53 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната агенција за справување со катастрофи (BNPB) објави соопштение во кое се наведува дека од новогодишната ноќ, покрај градовите Џакарта, Депок, Бекаси и Тангеранг, под влијание на поројни врнежи од дожд се наоѓаат и подрачјата Богор и Лебак. Поројните дождови предизвикале поплави и свлечишта, кои досега одзедоа 53 животи.
Во соопштението се вели дека едно лице се води како исчезнато, истакнувајќи дека во тек се спасувачки операции во подрачјата зафатени од поплавите.
Властите соопштија дека во привремените засолништа се згрижени 173.000 лица, додавајќи дека продолжува негативното влијание на поплавите врз секојдневиот живот во подрачјето Бекаси.
Во соопштението се наведува дека во подрачјата погодени од поплавите и свлечиштата во тек се широкоопсежни активности за чистење, одржување и поправка.
Агенцијата за метеорологија, клима и геофизика (BMKG) на Индонезија вчера упати предупредување до населението дека се очекува поројните врнежи од дожд да продолжат до 10 јануари.
Индонезија се наоѓа во екваторскиот појас и често е зафатена од поплави и свлечишта, особено во октомври и април поради поројните врнежи од дожд.