Mıchael Gabrıel Hernandez
04 Јануари 2020•Ажурирај: 05 Јануари 2020
ВАШИНГТОН
Соединетите Американски Држави (САД) го убија главниот ирански генерал, одговорен за управување со регионалните операции на Техеран, поради „запирање на војна“, а не за нејзино започнување, изјави претседателот Доналд Трамп, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Она што САД го направија вчера требаше да се направи многу одамна“, рече Трамп, алудирајќи на убиството на командантот на силите на Кудс (Ерусалим), Касим Сулејмани, кој е убиен вчера наутро во воздушен напад на американските сили на Багдад.
„Не го сторивме тоа за да започнеме, туку за да запреме војна“, рече претседателот на САД.
Командантот Сулејмани, кој ја предводеше елитната единица на Иранската револуционерна гарда, убиен е во напад врз Багдад, а Министерството за одбрана на САД (Пентагон) соопшти дека нападот е изведен од американските сили по наредба на претседателот Доналд Трамп.
Пентагон го обвини Сулејмани дека планирал да изврши напади на американските дипломати и службеници во Ирак и регионот, истакнувајќи дека убиениот ирански водач се смета за одговорен за смртта на стотици Американци и коалициски партнери.
Во нападот е убиен и Ебу Мехди ал Мухендис, заменик-претседателот на проиранската организација „Хашд ал Шаби“.
Иранскиот верски лидер, Али Хамнеи, најави остар одговор на американскиот напад, а во Иран е прогласена тридневна национална жалост.