Ivana Ramadanova
06 Октомври 2016•Ажурирај: 07 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска во Скопје се одржа национална конференција за реформите во водоснабдувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на конференцијата е навремено информирање за реформските процеси во секторот води, за кој е надлежно Министерството за животна средина, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија и Министерството за финансии.
Во своето обраќање на конференцијата, министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, истакна дека водата како ресурс и нејзиното управување и заштита се од особено значење за човекот, но и предизвик за времето во коешто живееме.

„Затоа, управувањето со водите бара сериозен и сеопфатен пристап, со што верувам дека организирањето на оваа денешна конференција ќе даде свој придонес. За Министерството за животна средина и просторно планирање, управувањето со водите претставува приоритет кој се рефлектира во повеќе стратешки документи донесени од Владата и Министерството. Водите се значаен ресурс којшто ќе мора да биде добро заштитен и подобро управуван. Оваа година беше многу значајна за нашето министерство затоа што почнавме со изградба на три пречистителни станици, како и поради двата проекта за подобрување на канализациската мрежа“, истакна министерот Амети.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар во своето обраќање рече дека оскудноста на водата може да доведе до конфликти. Во Скопје, пак, во август можеше да се види дека преголемата количина на вода предизвика огромни штети и разурнувања.

„Реформата на секторот на водите треба да биде еден од нашите врвни приоритети. Како дел од помошта од Европската Унија, доделивме 4,5 милиони евра за оваа цел. Во моментот се одвиваат три проекти финансирани од ЕУ. Овие проекти имаат за цел да доведат до значително подобрување во секторот на водите и до поголемо разбирање од страна на граѓаните на тие промени. Промените не се лесни, но со активна посветеност од страна на сите засегнати страни, може да ни биде подобро на сите“, рече евроамбасадорот Жбогар.