Ivana Ramadanova
06 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) - Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, идниот петок, на 14 октомври ќе ја посети Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Информацијата за доаѓањето на евромесарот Хан во Скопје за АА ја потврдија и од ЕУ-Инфоцентар во Скопје.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, за македонските медиуми потврди дека еврокомесарот Хан во Македонија ќе дојде два дена по предвиденото распуштање на македонскиот Парламент, со цел организирање на изборите на 11 декември.
Според Коцијанчиќ, Хан ќе се состане со претставниците на четирите најголеми политички партии во земјата, со специјалниот обвинител и со претставници на граѓанското општество. Исто така, еврокомесарот Јоханес Хан со соговорниците во Скопје ќе разговара за состојбите во земјата, особено за организацијата на изборите во декември, како и за спроведувањето на Итните реформски приоритети.
Како гарант на договорот од Пржино, кој меѓу четирите политички партии во Македонија беше постигнат во јуни/јули минатата година, а надграден на 31 август оваа година, комесарот Хан сака да се увери дека договорот ќе се почитува во земјата и дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 11 декември, и тие да стават крај на долготрајната македонска политичка криза.