Dejan Maksimoviç
26 Мај 2018•Ажурирај: 27 Мај 2018
КИЕВ (АА) - Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, смета дека неговиот тим не е фаворит во вечерашното финале од Лигата на шампионите во Киев против Ливерпул. Французинот нагласи дека двата тима имаат еднакви шанси да стигнат до титулата шампион на Европа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поради фактот дека „кралевите“ ја освоија Лигата на шампиони во претходните две сезони, многумина, пред сè поради искуството во големите финалиња, ги гледаат како големи фаворити. Но, Зидан не го дели нивното мислење.
„Не сме фаворити, тука шансите се 50:50. Но, мора да одиграме одличен меч за да победиме. Не постои ништо за што би биле фаворити. Во фудбалот тоа е многу едноставно. Постојат два тима и ќе мора да сфатите на кој начин противникот ќе се обиде да ве 'повреди', а вие мора да го контролирате она што го правите. Кога ја имате топката, со вашата игра мора да се обидете да го 'повредите' ривалот. Имавме тешки моменти во многу натпревари, ќе ги имаме и во финалето. Ќе се обидеме да ги запреме, и тогаш ги ставаме на маки“, рече Зидан.
Зидан од доаѓањето на клупата на Реал Мадрид во јануари 2016 година освои дури осум трофеи, по два во Лигата на шампионите, Супер Купот на Европа и ФИФА светското клупско првенство, по една титула национален шампион и победник на Суперкупот на Шпанија. Сега стигна до третото последователно финале од Лигата на шампионите и се обиде да ја објасни тајната на успехот.
„Многу напорно работење и голем талент. Да се дојде до финалето не е лесно. Во истовреме, ние сме воодушевени што сме во уште едно финале. Јас сум натпреварувач и сакам да се натпреварувам. Зад тоа стои напорно работење. Ако сакате да бидете комплетни и да работите напорно, тогаш може да се постигне она што го правиме ние. За мене ова е сосема нормално“, заклучи Зидан.
Финалето од Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид - Ливерпулл ќе се игра вечерва на Олимпискиот стадион во Киев. „Кралскиот клуб“ сака по третпат едноподруго да дојде до титулата шампион на Европа, вкупно 13-та, додека „редсите“ ќе се обидат да ја освојат својата шеста титула.