Dejan Maksimoviç
01 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
МАДРИД (AA) – Ензо Зидан (21) ја искористи шансата што тренерот на Реал Мадрид и неговиот татко Зинедин му ја укажаа на натпреварот од Купот на кралот против Културал Леонес и постигна гол за победа од 6 : 1. Ден по сјајното деби во дресот на кралскиот клуб, Зидан помладиот изјави дека му се исполнил сонот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ензо влезе во игра на почетокот на второто полувреме, а мрежата на противникот ја затресе по само 18 минути.
„Тоа што постигнав гол во деби за Реал е остварување на мојот сон. Навистина сум среќен што тоа се случи на Сантијаго Бернабе и што победивме. Тоа беше посебна ноќ. Ја чекав својата шанса и ми се укажа. Ова е само мој почеток и морам да продолжам да работам за да добивам уште шанси да играм и да му помагам на тимот. Постарите играчи мене и останатите играчи нѐ третираат многу добро. Цело време учам многу нешта само гледајќи ги најдобрите фудбалери на светот“, рече Зидан за официјалниот интернет-портал на Реал Мадрид.
Ензо ја помина комплетната младинска школа на Реал, во која беше од својата деветта година. Играше за Реал Мадрид Ц, за тимот Б одигра 61 натпревар и постигна пет гола. Синоќа дочека деби за првиот тим на Реал и го круниса со гол.
Помладиот Зидан играше за репрезентацијата У15 на Шпанија, потоа за селекцијата У19 на Франција. Со оглед на тоа што не запиша ниту еден настап за која било сениорска репрезентација, ќе има право да одбере за кого ќе игра, а освен двете споменати селекции, може да настапува и за Алжир, земјата од којашто потекнува неговиот татко Зидан.