Ivana Ramadanova
08 Јануари 2016•Ажурирај: 09 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Агенцијата за Млади и спорт одржа прес - конференција на која Директорот Марјан Спасески даде отчет за претходната 2015 година. Тој изјави дека изминатата година беше една од најуспешните години за Агенцијата за млади спорт бидејќи беа реализирани огромен број проекти, од кој бенефит видоа спортистите, спортските работници, младите луѓе и сите граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Според директорот на АМС, Марјан Спасески, во делот на капиталните инвестиции, до сега е остварена најуспешната година со реализација и изградба на 56 спортски објекти низ целата држава.
"Од проектот за изградба на 36 спортски сали, до сега се изградија 33, а последните две се во фаза на градба. Дополнително во 2015 година започнавме со градба на две нови спосртки сали во Домот за деца без родители "11 Октомври"во Капиштец и во Општина Шуто Оризари, кои ќе се изградат во текот на годината. Сериозен напредок имавме и во реализацијата на проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава. Имено, досега се изградени вкупно 56 игралишта, од кои 19 се изградија во 2015 година. Дополнително, минатата година започнаа да се градат 15 нови игралишта, кои ќе завршат со градба до средината на 2016 година", изјави Спасески.
Тој потенцираше дека од вкупно 120 тениски терени кои се предвидени во Програмата на Владата, Агенцијата за млади и спорт изгради вкупно 74, од кои само во 2015 година беа изградени 35 тениски терени.
"Она по што ќе биде обележана 2015 година е почнувањето со градба на затворениот пливачки базен во Охрид, кој ќе биде со ватерполо димензии и кој ќе ги реинкарнира спортовите по кои Охрид беше препознатлив, а тоа се пливањето и ватерполото. Станува збор за капитален проект, за чија реализација се издвоени околу 5 милиони евра од буџетот на Агенцијата за млади и спорт и кој очекуваме да заврши со градба до 2017 година. Крајот на 2015 година го одбележа еден од најновите и најзначајните проекти на Агенцијата за млади и спорт, а тоа е именувањето на првите “Амбасадори на спортот”, додаде Спасески.
Според Спасески, еден од најголемите приоритети и предизвици со кои Агенцијата се соочи минатата година, во позитивна смисла е изготвувањето на новата Национална стратегија за млади 2016-2025, која беше изготвена во соработка и со поддршка на UNDP. Процесот започна на почетокот на 2015 година, во изработката беа вклучени сите заинтересирани страни, државни институции, младински и невладини организации, локалните младински совети во општините и преку стотина млади луѓе, кои директно учествуваа во креирањето на овој стратешки документ.