Admir Fazlagic
20 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа прес-конференција по повод претстојното 31. Светско воено првенство во борење, на кое ќе земат учество над 400 спортисти, од 32 земји и 4 континенти, а домаќин на првенството ќе биде Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Нелсон де Хесус Лопес, официјален претставник на меѓународниот воен спортски совет - CISM, го искажа своето задоволство поради учество во едно вакво првенство истакнувајќи дека неговата дожлност е поделена во три столба.
„Првиот, проверка на логистичкиот и административниот дел од организацијата на овој настан; другите два дела што исто така ќе ги надгледувам се текот на организацијата на целиот настан, како и затворањето на настанот“, изјави Лопез, додавајќи дека во надгледувањето и спроведувањето на овој настан ќе му помагаат и други лица, како што се претседателот на Советот за меѓународни воени спортови и судија.
Техничкиот директор за организирање на Светското воено првенство во борење, Трајче Димков ги поздрави сите учесници на ова натпреварување, истакнувајќи дека арената во која ќе се одржи првенството ги има сите потребни услови за одржување на натпреварите.
„Во арената ‘Борис Трајковски’ ги имаме сите услови. Натпреварите ќе се одвиваат во големата сала, на два душека, додека во соседната, помала сала ќе се вршат подготовките и мерењата за натпреварите. Свеченото отворање ќе се одржи утре, во арената ‘Борис Трајковски’, додека свеченото затворање ќе се одржи во домот на АРМ“, изјави Димков информирајќи за организацијата на натпреварувањето.
Како резултат на повеќе потпишани меморандуми за соработка, во техничкиот дел на Светското првенство ќе бидат вклучени повеќе лица, меѓу кои и претставници од Советот за меѓународни воени спортови и од Сојузот на светски спортови.
Како што беше соопштено претходно, во најавите за натпреварувањата, иако станува збор за воено првенство, важат сите правила и прописи на Светската боречка федерација. На првенството ќе бидат застапени два стила: слободен и грчко-римски.
Министерството за одбрана на Република Македонија, кое е организатор на првенството, ги повикува сите љубители на спортот да го посетат Светското воено првенство во борење, кое ќе се одржува во периодот од 21 до 25 септември, во спортскиот центар, ВИП Арената „Борис Трајковски“. Влезот за следењето на натпреварите е слободен.