РИО ДЕ ЖАНЕИРО (АА) - Свеченото отворање на Олимписките игри Рио 2016, кои се одржуваат во Бразил, беше обоено со теми од културното, историско и природното богатство на јужноамериканската држава, јавува Anadolu Agency (AA).
Со церемонијата која беше изведена на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро, официјално започнаа 31. Летни олимписки игри.
На свечената церемонија во Рио присуствуваа генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, претседателот на Франција, Франсоа Оланд, премиерот на Италија, Матео Ренци, кралот на Холандија, Вилем-Александер, претседателот на Аргентина, Маурисио Макри, претседателот на швајцарската конфедерација Јохан Шнајдер-Аман и државници од други земји.
- На сцената настапија многу познати личности -
Како креативен директор на церемонијата, покрај Фернандо Меирелес, режисерот на филмот „Божјиот град”, учествуваа и Ендрју Вашингтон и Даниела Томас.
На сцена излегоа музичарите Елза Соарес, Гилберто Гил, Марсело Д2, Каетано Велосо, Карол Чонка, MК Софијa, Људмила и други.
За кореографијата на церемонијата одговорна беше Дебора Колкер.
На церемонијата на отворањето свое место зедоа и бразилските модели Жизел Бунхен и Леа Т.
- Претставена беше културата и историјата на Бразил -
Церемонијата започна со одбројувањето наназад, по што музичарот Паулињо да Виола во придружба на оркестар, ја испеа националната химна на Бразил.
За време на интонирањето на химната на Бразил и подигањето на националното знаме, во стадионот влегоа 60 бразилски спортисти со развиорени бразилски знамиња во своите раце.
Во придружба на различна музика и танци, на сцената беше претставен развојот на животниот стил во Бразил. Презентацијата која започна со преставување на дождовните шуми во Бразил, откривањето продолжи со имиграциите од Азија, Европа Средниот Исток и Африка во Бразил, и беше претставено нејзиното модернизирање.
На свеченото отворање место зеде и глобалното затоплување на земјата, како последица на брзата модернизација на светско ниво, штетите кои модерниот стил на живот ѝ го прават на природата.
- Oтворањето го следеа три милијарди луѓе -
Околу 3 милијарди луѓе ширум светот ја следеа церемонијата на отворање, а на социјалните мрежи беше тема за која најмногу се зборуваше.
На свеченото отворање и шоу-програмата учество зедоа над 35.000 лица. На отворањето учествуваа 12 училишта за самба, а беа употребени 5.500 костими.
- Безбедноста беше на високо ниво -
Пред отворањето на Олимписките игри и за време на отворањето, беа преземени опсежни безбедносни мерки во Рио де Жанеиро, особено околу стадионот Маракана.
Полицијата затвори голем број приоди кон стадионот, имаше поставено безбедносни пунктови на кои новинарите и гледачите пред да влезат на стадионот, беа контролирани со апарати со х-зраци.
Покрај 85.000 полицајци и војници кои учествуваат во обезбедувањето на игрите, за време на отворањето насекаде низ градот беа поставени воени возила.
- Церемонија на најавување на земјите учеснички -
На отворањето на Олимписките игри Рио 2016, на стадионот Маракана беше изведена и церемонија на најавување на земјите-учеснички.
Најавувањето на земјите учеснички започна со влегувањето на репрезентацијата на Грција на стадионот, како земја основач на Олимписките игри, по која по азбучен ред на стадионот влегоа 206 земји-учеснички и тимот на спортисти-бегалци.
Во текот на најавувањето на државите-учеснички на стадионот Маракана, во садови поставени врз огледала, спортитите фрлаа семе, преставувајќи ги 207-те видови од 11.000 дрвја кои ќе бидат засадени во шумата на спортисти во Рио де Жанеиро.
- Знаменосци на државите - учеснички на олимписките игри -
Како посебна почест на отворањето на игрите при влезот на спортистите на стадионот е носењето на националното знаме. Таа чест им припаѓа на најдобрите спортисти, учесници на државата која ја преставуваат на Олимпијадата. Таа чест ја имаа ѕвездите Мајкл Фелп за САД, Теди Ринер за Франција, Рафаел Надал за Шпанија и Енди Мареј за Британија. Покрај спортскиот олимписки тим на бегалците, на стадионот Маракана за првпат на едни олимписки игри учество земаа репрезентациите на Косово и Јужен Судан.
- Игрите за отворени ги прогласи привремениот претседател на Бразил, Темер -
Привремениот претседател на Бразил, Мишел Темер ги прогласи за отворени Олимписките игри Рио 2016. По отворањето на игрите свечен говор одржаа претседателот на организацискиот комитет на Олимписките игри Рио 2016, Карлос Нузман и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.
- Подигање на олимпиското знаме -
Олимпиското знаме на стадионот Маракана го донесоа ѕвездите на бразилскиот спорт, по што тоа беше подигнато на почесното место.
Сите очекуваа олимпискиот оганот да го запали легендарниот бразилски фудбалер Пеле. Но Пеле, поради здравствени проблеми, не беше во можност да присуствува на отворањето на олимписките игри. Олимпискиот оган како последен во низата на спортисти кои го предаваа оганот еден на друг, го запали поранешниот спортист Вандерлеи Кордеиро Де Лима. Откако беше запален олимпискиот оган, се пристапи кон шоуто со огномет, по што заврши церемонијата на отворањето на Олимписките игри Рио 2016.
Церемонијата траеше 4 часа. Отворањето кое започна во 1 часот по полноќ, заврши во 5 часот наутро. На стадионот Маракана, на кој, поради сценскиот настап и прикажаните претстави еден дел беше оставен празен, беа присутни 78.000 гледачи.
news_share_descriptionsubscription_contact
