Dejan Maksimovic
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
МАНЧЕСТЕР (АА) - Жузеп Пеп Гвардиола по синоќешното реми 1:1 на неговиот Манчестер Сити против Евертон на стадионот „Етихад“ изјави дека без оглед на конечниот резултат на натпреварот, тоа бил еден од најгордите денови во неговиот живот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Граѓаните“ имаа заостаток од 0:1 по голот на Вејн Руни во 35. минута, и со играч помалку на теренот од 44. до 88. минута, кога беше исклучен гостувачкиот фудбалер Морган Шнајдерлин. Кај Сити беше исклучен Кајл Вокер. Сепак, домаќинот потоа одигра навистина одлично и со погодокот на Рахим Стерлинг, на осум минути пред крајот стигна до бод.
„Тука сме поради резултатот, но на крајот мораме да ја анализираме и нашата игра. Тоа беше еден од најгордите денови во мојот живот, кога ќе согледам како игравме против 11 играчи од Евертон. Тоа е тим од Лигата на Европа, кој има врвни играчи. Не беше лесно, но се обидовме и пропуштивме некои шанси, дури и со играч помалку. Направивме сè. Ни самиот не знам колку шанси создадовме, но тоа беше игра во којашто игравме со десет против 11 противнички фудбалери“, рече Гвардиола.
По второто коло на Премиер лигата, и Манчестер Сити и Евертон имаат по четири бода. „Граѓаните“ се петти поради подобрата гол-разлика, а „карамелите“ се на осмото место.