Alma Çekovic
17 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
ЛИВЕРПУЛ (АА) - Италијанскиот фудбалски стручњак Карло Анчелоти (60) ги договорил условите со Евертон и до четврток или петок официјално ќе биде претставен како нов менаџер на англискиот прволигаш, јавуваат британските медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Анчелоти како нов менаџер на Евертон би можел да дебитира веќе в сабота, кога клубот на „Гудисон парк“ го дочекува Арсенал, јавува „Скај спортс“ (Sky Sports).
Договорот со клубот од Ливерпул го постигнал доцна синоќа, а ќе го наследи Марко Силва, кој на 5 декември доби отказ по 18 месеци поминати на клупата.
Анчелоти на 10 декември беше отпуштен од Наполи по натпреварот од Лигата на шампиони во која избори пласман за осминафиналето на тоа натпреварување.
Англиската Премиер лига не му е непознат терен бидејќи од 2009 до 2011 година го водеше Челси, со кој го освои домашното првенство, ФА Купот и англискиот суперкуп „Комјунити шилд“.
Тој исто така е и трикратен освојувач на Лигата на шампиони, а ги освојуваше и домашните првенства во Франција, Италија и Германија.