Abdulkadir Karakaya
15 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - На Австралија опен, првиот овогодишен грен слем тениски турнир, во машка поединечна категорија Шпанецот Рафаел Надал и Русинот Данил Медведев изборија пласман во четвртфиналето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На 8-миот ден од турнирот во Мелбурн се одиграа неколку натпревари.
Во машка конкуренција, вториот носител, Шпанецот Надал, се сретна со Италијанецот Фабио Фоњини, 16-тиот носител на турнирот. Надал извојува победа од 3:0 (по сетови 6:3, 6:4 и 6:2) и обезбеди пласман во четвртфиналето.
Надал се обидува да ја освои својата 21. грен слем титула во кариерата, а во четвртфиналето ќе игра против победникот од дуелот Стефанос Циципас - Матео Беретини.
Рускиот тенисер Данил Медведев играше против Американецот Мекензи Мекдоналд. Медведев извојува победа од 3:0 (6:4, 6:2 и 6:3) и се пласираше меѓу осумте најдобри тенисери на Австралија опен.
Медведев во четвртфиналето ќе игра против седмиот носител на турнирот, неговиот сонародник Андреј Рублев.
- Свитолина испадна -
Во женска поединечна конкуренција изненадувањето на денот го подготви Американката Џесика Пегула, 61. на светската ранг-листа на тенисерки.
Пегула со резултат 2:1 (6:4, 3:6 и 6:3) ја совлада петтата носителка на турнирот, Украинката Елина Свитолина, и за првпат во својата кариера се пласираше во четвртфиналето на еден грен слем турнир.
Американската тенисерка во четвртфиналето ќе се сретне со нејзината сонародничка Џенифер Бредли, 22-та носителка на турнирот.