Hayati Akçay
12 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
ОРДУ (АА) - ХАЈАТИ АКЧАЈ –
Азиз Токат кој 58 години ја води фудбалската екипа на „Еснафспор“ од првата аматерска лига на Орду, со својот омилен клуб го продолжи договорот на уште две години, пишува Агенција Анадолија (АА).
Азиз Токат, кој уште од својата младост е тренер на екипата на „Еснафспор“, основана од градски трговци во 1963 година, иако има 83 години, не се одвојува од фудбалот.
Тренерот со лиценца „Б“, Азиз Токат, досега со својата екипа „Еснафспор“ постигна разни успеси, но исто така одигра важна улога во процесот на создавање фудбалери и голмани, кои играа во турската Суперлига и другите професионални лиги.
Токат, кој се обидува да се грижи за своето здравје од почетокот на епидемијата на Ковид-19, го продолжи договорот со својата екипа „Еснафспор“ на уште две години.
Тургут Кир, претседателот на огранокот во Орду на Асоцијацијата на фудбалски тренери на Турција (TÜFAD), во разговорот со АА рече дека Азиз Токат бил и негов тренер и дека 58 години непрекинато работи како тренер во екипата на „Еснафспор“.
Истакнувајќи дека Азиз Хоџа е доајен за нив и дека многу го ценат, Тургут Кир рече: „Сакавме неговата тренерска позиција во тимот да ја продолжи за уште две години. Тој го прифати тоа.“
Кир наведе дека Азиз Токат е жива легенда, дека обучил многу играчи и дека повеќето од овие играчи сѐ уште играат во турската Суперлига и Првата лига.
- Поднесена е апликација за Гинисовата книга на рекорди -
Тургут Кир, потсетувајќи дека тренерот Азиз Токат континуирано 58 години е на чело на една екипа, рече: „Поднесовме апликација до Гинисовата книга на рекорди. Се надеваме дека ќе го овековечиме нашиот тренер и дека неговото име ќе се најде во таа книга.“
Наведувајќи дека здравјето на Азиз Токат е многу добро, Кир рече: „Се надевам дека нашиот тренер секогаш ќе остане во фудбалот, и покрај неговата напредна возраст. Ние, како негови ученици, секогаш ќе продолжиме да го поддржуваме.“
Претседателот на Федерацијата на аматерски спортски клубови рече дека се среќни и горди што се сведоци на една ваква убава историја, нагласувајќи дека Азиз Токат има многу голем придонес за турскиот фудбал, особено за фудбалот во градот Орду.
- Азиз Токат: „Се чувствувам здрав“ -
Тренерот Азиз Токат, заблагодарувајќи се на клупските службеници што му го продолжија договорот на уште две години, рече дека ќе продолжи да биде на чело на екипата сѐ додека здравјето му го дозволува тоа.
Вели дека во моментот се чувствува здрав и поради прекините во аматерскиот фудбал поради епидемијата со нетрпение чека да се сретне со своите фудбалери.
Токат објасни дека своето здравје го должи на спортот. „Ќе работам како тренер сѐ додека ме служи здравјето. Нашата цел е фудбалот на Орду да го донесеме на подобри места.“
Истакнувајќи дека има почит кон сите тренери во Турција, рече дека е среќен кога ќе види дека неговите фудбалери постигнале добри успеси, играјќи во другите клубови од професионалните лиги.
Додаде дека многу го сака фудбалот и дека се обидува таа љубов кон фудбалот да ја пренесе кај младите.