Aida Cako
19 Ноември 2024•Ажурирај: 21 Ноември 2024
АЛЈАСКА (АА) - Џиновски кит со должина од 15 метри, од видот перкаст кит, беше пронајден на брегот на Кук Инлет во Анкориџ, Алјаска, јавува Анадолу.
Смртта на овој загрозен вид предизвика големо внимание и кај локалната заедница и кај научната јавност.
Масивниот труп на китот, кој лежеше со отворена уста, стана привремена атракција за локалното население.
Некои од луѓето дури премногу се доближија до китот за да направат фотографии со него, при што властите издадоа предупредување до јавноста.
Биолозите од Националната администрација за океаните и атмосферата (НОАА) започнаа истрага за да утврдат што ја предизвикало смртта на китот и какви последици би можеле да имаат овие случувања врз регионалниот екосистем.
Перкастите китови се втори по големина китови во светот, нивната должина може да изнесува и до 20 метри, а тежината да биде од 45 до 75 тона.
Тие најчесто имаат кафеаво-сива боја на грбот и бела боја одоздола.
Инаку овој вид спаѓа во најзагрозените видови поради тоа што луѓето ги ловеле неконтролирано особено во 20-от век.