Barry Ellsworth
16 Јули 2021•Ажурирај: 19 Јули 2021
ТРЕНТОН
Безбедноста е засилена во џамиите и молитвените центри низ Канада, откако полицијата во четвртокот објави дека е вандализирана џамија во Кембриџ, Онтарио, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Џамијата ‘Бајтул Карим‘ беше обиена во средата и направена е голема штета, а исламската литература беше расфрлена низ целата просторија“, рече Асиф Кан, директор за односи со јавност на муслиманската заедница Ахмадија во Канада, во интервју за Канадската радиодифузна корпорација.
Организацијата Ахмадија вчера издаде соопштение нарекувајќи го инцидентот „чин на омраза, со штета поголема од десетици илјади долари“.
„Длабоко сме вознемирени кога дознавме за овој напад врз Џамијата „Бајтул Карим““, наведе во соопштението Лал Кан Малик, национален претседател на Ахмадија. „Нашите џамии отсекогаш служеле како симболи на мирот во заедницата и болно е за нас да ја гледаме нашата џамија нападната и вандализирана на овој начин.
Организацијата исто така ја зајакна безбедноста во нејзините џамии и молитвени центри низ Канада.
Полицијата отиде во џамијата нешто по 16 часот, кога имамот се вратил во заклучената зграда и слушнал звуци внатре. Осомничениот или осомничените ги немало до моментот кога полицијата пристигнала.
„Не сме сигурни 100 отсто која е мотивацијата на луѓето што го направија ова, но како што можете да видите од она околу нас, постоел елемент на омраза”, изјави Макбул Шеик за Канадската радиодифузна корпорација додека стоеше внатре во џамијата.
Тој исто така е член на Ахмадија.
Премиерот на Онтарио, Даг Форд, на брифингот со медиумите се осврна на инцидентот, велејќи дека нема простор за омраза во Онтарио.