Mücahit Aydemir
16 Јули 2021•Ажурирај: 17 Јули 2021
ТРИПОЛИ (АА) - Абдулхамид Дибејбе, премиерот на Либија, изјави дека континуираното присуство на платеници и странски борци претставува реална опасност за политичкиот процес во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за Либија, одржан во Њујорк, Дибејбе говореше за најновата политичка и безбедносна состојба во земјата и националните избори закажани за 24 декември.
Истакнувајќи дека на министерско ниво формиран е Комитет за поддршка на изборите, Дибејбе рече: „Иако буџетот сè уште не е одобрен од Претставничкиот дом, на Врховната изборна комисија ѝ доделивме средства во рамките на можностите.“
Либискиот премиер изјави дека како Влада на национално единство направиле значителен напредок во консолидирање на поделените државни институции во земјата и ги посочи пречките за обединување на Армијата.
Дибејбе, кој од меѓународната заедница побара да ја поддржи Либија во обединувањето на Армијата и безбедносните институции, порача:
„Континуираното присуство на платеници и странски борци претставува реална опасност за тековниот политички процес, одржувањето на примирјето и обединувањето на Армијата. Владата на националното единство нагласува дека континуираното присуство на платеници и странски борци на либиско тло е неприфатливо и од суштинско значење е нивното итно и истовремено заминување од земјата.
Во западниот дел на Либија постои легитимна Влада на национално единство и нејзина армија признаени од ОН, додека на истокот од земјата, со седиште во Бенгази, дејствува Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните сили и илјадници платеници кои го поддржуваат.
Страните во Либија постигнаа договор за прекин на огнот по преговорите што се одржаа во Женева, Швајцарија, на 23 октомври 2020 година.